ИСТОРИЈА

Здружението за хематологија на  Македонија има децениска историја. Почетоците на здружението датираат од постоењето на поранешната СФРЈ. Здружението го следеше развојниот тек на македонската држава и на македонската научна мисла, при што следеа неколку неопходни трансформации. Во поранешната СФРЈ, постоеше Југословенско друштво за хематологија и трансфузија на крв, во коешто македонските научни авторитети имаа истакната позиција поради високото ниво на владеење од сите аспекти на хематологијата. Во Македонија функционираше Секција за хематологија и трансфузија на крв, во рамките на Сојузот на лекари во Македонија. Со текот на времето, Здружението за трансфузиологија се оддели и оттогаш постоиме како Македонско здружение за хематологија. Во првите години на независност на Македонија, Катедрата за хематологија е бројна со нејзините основачи и наставници, четворица истакнати професори и еден примариус спец. по интерна медицина и хематологија: Тодор Стојчевски, Јонче Неделковски, Ненад Марковиќ, Никола Силјановски и Ристо Стојаноски. Проф. Стојчевски има посебно место и значење, како иницијатор и спроведувач на идејата за формирање на Клиника за хематологија, (т.е. нејзино одвојување од Институтот за хематологија и трансфузија на крв) што му дава позиција на основач на македонската хематологија. Тој е иницијатор за спроведување на трансплантацијата на коскена срцевина во Македонија, нешто што подоцна го реализирале неговите студенти. Друг професор од „постарата“ генерација којшто оставил значаен белег во развојот на клиниката, водејќи ја во следните петнаесетина години е проф. Никола Силјановски. Важно е да се истакне дека младите лекари, од почетокот на независноста на Р. Македонија, успешно го поминале својот стручен и образовен развој и сега го сочинуваат наставниот кадар на клиниката. Колегите родени во 60-тите, 70-тите, 80-тите и 90-тите години на минатиот век ја претставуваат иднината на хематологијата кај нас. Во досегашниот водечки стручен тим на Катедрата за хематологија, истакнати улоги имаат проф. д-р Лидија Чевреска, долгогодишен успешен директор на клиниката; проф. д-р Борче Георгиевски, основач на единицата за трансплантација на хематопоетски матични клетки; проф. д-р Александар Стојановиќ и проф. д-р Оливер Каранфилски, претседател на Македонската асоцијација за хематологија во мандатот од 2011 г. до 2015 г., поставувајќи високи стандарди во работењето, истовремено и организатор на Првиот конгрес на Македонската асоцијација за хематологија со меѓународно учество.

Педијатрискиот тим хематолози на сличен начин оставија свој белег, три големи имиња: проф. д-р Аврам Садикарио, прим. Будимир Младеновски и проф. д-р Никола Зисовски. Пред три години се пензионираа двe истакнати професорки: проф. д-р Оливера Муратовска и проф. д-р Софијанка Гламочанин. Тековниот наставен кадар по детска хематологија го сочинуваат: проф. д-р Ката Мартинова и доц. д-р Светлана Кочева. Тековниот тим на специјалисти - хематолози, адултни и педијатриски, се соочува со предизвици со коишто се соочува општеството како целина, се стреми кон одржување на квалитетот на тековните решенија, континуирано ги следи современите достигнувања и методи, останувајќи отворен за нови идеи, методи и процедури, со цел да го подобри овој сектор, брз база на длабока анализа и позитивно глобално искуство.

Во текот на своето постоење, Здружението преку своите активности оствари значајни резултати и цврста основа во професионалниот развој и искачување, следејќи ги современите трендови на хематологија и придржување кон препораките и упатствата на Светските професионални здруженија кои практикуваат медицина базирана на докази. Во наредниот период, акцентот сигурно ќе биде ставен на:

  • Зајакнување на мултидисциплинарниот пристап: унапредување на соработката со други сродни гранки на медицината, дефинирање на заемно прифатлива стандардна комуникација и размена на податоци; подобрување на протокот во комплексни процеси и вклучување на дополнителни учесници во процесите;
  • Стандардизацијата на процедурите, како основа за систем на стандардизирани процедури со мерливи параметри што овозможуваат континуирано подобрување со цел да се добие корист пред сè за пациентите, но и за медицинскиот персонал;
  • Подготовка на упатства за дијагностицирање и третман на хематолошки заболувања, според приоритетот;
  • Следење и анализа на потенцијалот на човечки ресурси во однос на потребите на научни и клинички активности и презентирање на извештаи на годишно ниво со цел континуирано подобрување;
  • Иницијативи за обезбедување на пространа техничка и технолошка околина за правилна практика на професијата;
  • Поттикнување на можности за истражување и активности на неговите членови;
  • Соработка и вмрежување со сродни национални и меѓународни организации, како постојани или придружни членови или набљудувачи;
  • Соработка во проверка на ефикасноста и ефективноста на новите лекови од областа на хематологијата и предлози за нивна регистрација;
  • Предлози и планови за поддршка за покривање на стручниот персонал со обука за применливите (во рамките на можностите на Македонија) нови и иновативни методи за превенција, дијагностицирање и третман.
  • Организирање на научни и стручни конференции и семинари со меѓународно учество во земјата и учество на најважните конгреси за хематологија со наши материјали и стручно - научни трудови.